БЕСПАЛТНИ КУРСЕВИ ЗА СТРАНСКИ ЈАЗИК
Почнаа бесплатните курсеви по англиски, германски и француски јазик за невработени лица до 29 години што ги обезбеди Агенцијата за вработување на Република Македонија (АВРМ). Место за пријавување има уште, со оглед дека е предвидено бесплатна обука да добијат 1.000 лица.
Како што изјави денеска директорот на Агенцијата Влатко Поповски, обуката почна на 1 јули и моментно ја посетуваат 255 кандидати од вкупно пријавените 818. За старт на секој курс, неопходно е да има по најмалку 10 лица во групата.
- Од она што го видов, има доста мотивирани млади луѓе кои сакаат да научат странски јазик и да постигнат некое ниво на знаење со што би си го олесниле своето вработување. Се надевам дека и овие групи што почнаа од 1 јули, претежно млади до 29 години, многу брзо ќе најдат работа, егзистенција за себе и за своето семејство, рече Поповски по посетата на Ценатрот за странски јазици во Скопје каде се одвива дел од обуката.
Бесплатното изучување на еден од овие три странски јазици опфаќа 30 часа од по 90 минути. Пријавувањето може да се врши во 30-те центри за вработување низ државата.
Поповски потсети дека се во тек и бесплатните ИТ обуки преку Сивус и Семос, кои, заедно со овие, за англиски, германски и француски јазик, на младите ќе им обезбедат дополнителни вештини, а со тоа и предност при вработувањето или добивање подобро место.
- Се обидуваме да обезбедиме квалитетни знаења и за компјутерски технологии со што на нашите клиенти ќе им обезбедиме подобри компетенции, ќе можат да се вработат побрзо и да постигнат поквалитетно ниво на вработување, подвлече Поповски.
Од 2011 до 2015 година бесплатни курсеви за странски јазици поминале 5.325 кандидати, од кои во овој момент се вработени 2.477 што, според Поповски, е добар успех. ИТ обуки, пак, засега посетуваат 180 млади од кои, 58 со поддршка на буџетски средства, а останатите со помош на средства од ИПА.
За давата типа обуки, ИКТ и странски јазици, обезбедени се 100.000 евра или по 100 евра за секој кандидат. Поддршката од ИПА не поставува ограничувања во однос на годините, може да се пријави секој што има интерес.
http://www.press24.mk/prijavete-se-besplatni-kursevi-za-stranski-jazik-za-nevraboteni