15 ВОНРЕДНА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО
Советот на општина Неготино синоќа ја одржа својата 15 вонредна седница. На оваа седница се најдоа 4 точки кои се однесуваа на предлог-одлука за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште во Војшанци. Предлог одлука за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште во Неготино, предлог-одлука за отпис на побарувањата по основ на данок на имот и предлог-решение за доделување на еднократна парична помош. Пред почетокот на гласање на оправданоста за свикување на оваа 15 седница претседателот на советот ги истакна аргументите за свикување на оваа вонредна седница .
Со 10 гласови за и 4 против беше усвоена оправданоста за свикување на оваа седница. Без дискусија со 9 гласови за и 5 воздржани беа точките кои се однесуваа за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште на кп во Војшанци и Неготино. Повеќе од еден час дискусија се водеше околу точката која се однесуваше на отписот на побарувањата по основ на данок на имот. За советниците од СДСМ донесувањето на оваа одлука е малку задоцнето бидејќи веќе неколку денови опомените за плаќање на овој данок на граѓаните на општина Неготино им се доставени и голем број од нив го имаат платено овој долг. Како предложувач на оваа точка, градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов истакна дека овој отпис на долгови со апсолутна застареност ќе ја олесни работата на администрацијата во однос на постари долгови, а сите долгови на граѓаните постари од 10 години ќе му се отпишат. СДСМ истакнаа дека иако оваа одлука се донесува малку доцна, и што ќе се случи со оние граѓани кои до денес го платиле овој долг, гласаа За и оваа точка беше донесена едногласно, а едногласно беше донесена и точката која се однесуваше на предлог-решението за доделување на еднократна парична помош.