ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » 20 РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО

20 РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТОТ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО


Додадено на 31-01-2015 во НЕГОТИНО

 

Синоќа Советот на општина Неготино ја одржа дваесет и првата редовна седница. Откако претседателот на Советот Јордан Паунов ја започна седницата и го прочита дневниот ред, советникот од советничката група на СДСМ Васко Стефанов предложи дополнување на нова точка во дневниот ред како прва точка и тоа разгледување на актуелната состојба во ЈП „ Комуналец “ Неготино. Тој истакна дека оваа точка ја предлагаат како резултат на тридневниот штрајк на вработените во ЈП „ Комуналец “ поради неисплатени плати. Со 13 ЗА советниците го изгласаа предлогот на советничката група на СДСМ. Со дополнување на оваа точка во дневниот ред, истиот беше ставен на гласање и со 13 ЗА беше донесен. Едночасовна расправа се водеше околу првата точка на дневниот ред. Советниците на СДСМ побараа да се објасни состојбата со вработените од ЈП „ Комуналец “ и неиплатените плати. Во расправата беше вклучена и директорката на комуналното претпријатие која објасни дека штрајкот на вработените е прекинат и се договорени двете страни. Актуелната состојба во комуналното претпријатие е таква што на вработените му се должат само две плати но и тоа ќе се реши. По изглагањето на директорката и долгата дискусија помеѓу советниците од двете политички партии, беше побарана пауза. По исцрпната дискусија по првата точка, советниците преминаа на останатите 17 точки од дневниот ред. Речиси без никаква дискусија, со 13 гласа ЗА, советниците ја усвоија точката два која се однесуваше на годишната програма на локалната библиотека „ Страшо Пинџур “. За точките кои се однесуваа на предлог-одлуки за проширување и замена на распоредот на средствата на Буџетот на општина Неготино за 2015, советниците на СДСМ побараа да исфрлат од дневниот ред бидејќи истите не се разгледани од страна на комисијата и не може да дојде на седница на Совет. Претседателот Паунов објасни дека точката не трпи одлагање и не може да  се одложи бидејќи се работи за временска одлука. Потоа точките беа ставени на гласање и со 9 гласа ЗА и 4 Против истите беа донесени. Со 13 гласа ЗА, Советот ги донесе точките кои се однесуваа на предлог одлуките за отпочнување на постапка за изработка на Локална урбанистичка планска документација на Г-2 лесна и незагадувачка индустрија на катастарски парцели во општина Неготино, КО Криволак, урбанистички планови вон населено место за катастраски парцели во општина Неготино како и урбанистичка планска документација за вклопување на бесправно изградени објекти во урбанистичка планска документација. Едногласно беа прифатени и донесени точките за предложениот проект на патниот правец с. Горни Дисан - с.Вешје како и проектот за „ Поддршка и развој на Економија за пчелно производство, во прекуграничната област “ од општина Неготино. Точките кои се однесуваа на еднократна парична помош, извештајот за извршениот Попис во општина Неготино за 2014 година, постапката за избор на членови на Советот на млади, предлог-одлуката за формирање на комисија за утврдување и проценка на штетите во с. Војшанци настанати од поплавата на 23 јануари како и предлог-одлуката за доделување на финансиски средства на општинската организација Црвен Крст Неготино исто така беа донесени едногласно од страна на советниците во Советот. Поголема расправа се водеше околу точката која се однесуваше за ослободување од плаќање на надоместок за уредување на градежно земјиште на компанијата ИГЕМ ТРЕЈД. Советниците на СДСМ истакнаа дека оваа одлука не е убедлива и дека од неа ќе има нешто позитивно  општина Неготино. Градоначалникот Апостолов истакна сосема спротивно од советничката група на СДСМ, дека ова ослободување е од големо значење на општина Неготино, бидејќи за возврат на ова ослободување компанијата самата со свои средства ќе ги покрие трошоците околу изградбата и инфраструктурата на компанијата. Со 9 гласа ЗА на советничката група на ВМРО ДПМНЕ и 4 против на СДСМ беше донесена и оваа одлука.