ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » 33 РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО

33 РЕДОВНА СЕДНИЦА НА СОВЕТ НА ОПШТИНА НЕГОТИНО


Додадено на 01-03-2016 во НЕГОТИНО

Советот на општина Неготино синоќа ја одржа својата 33 редовна седница на која советниците расправаа по 14 точки дадени на дневен ред. Долга дискусија се водеше околу точката која се однесуваше на Годишната сметка на Буџетот на општина Неготино за 2015 година, за која советничката група на СДСМ гласаше против бидејќи како што рекоа состојбата на годишната сметка на Буџетот на општина Неготино е многу полоша споредбено со годишната сметка од 2014 година. Тие истакнаа дека долговите се многу поголеми споредбено со претходната 2014  година и ваквата ситуација е катастрофална бидејќи општината во 2016 година влегува со долгови. Советниците на СДСМ додадоа дека со ваквото темпо на работење и прибирање на приходи не гледаат никакво подобрување. На ова градоначалникот Ванчо Апостолов одговори дека општина Неготино ќе продолжи со реализацијата на бројните проекти во општината. Тој ги истакна  проектите кои се реализираат во општината но и руралните средини, како изградбата на трите улици во село Тимјаник, изградбата на водоводната мрежа во општината, изградбата на резервоарот за вода во село пепелиште, продажбата на индустриската зона „ Неготино “ како и продажбата на останато градежно земјиште на кои ќе се изградат индустриски капацитети и ќе се вработат голем број граѓани од општина Неготино. По долгата дискусија помеѓу советниците со 8 гласови за и 3 против беше донесена и Годишната сметка на Буџетот на општина Неготино за 2015 година. Без расправа и едногласно Советниците ги донесоа точките кои се однесуваа на Извештајот за реализираните активности за енергетска ефикаснот во Неготино за 2015 година како и акциониот план за 2016 година. Предлог-одлуката за пристапување на општина Неготино како соосновач на Здружението за рурален развој Локална Акциона Група Тиквешка Винска Долина- Демир Капија. Предлог- одлуки за нацрт урбанистички планови за КО Дуброво, Раткин Дол, Неготино. Донесување на урбанистичка документација за бесправно изградени објекти во КО Долни Дисан и Пепелиште, доделување на еднократна парична помош. По точката која се однесуваше на предлог-заклучокот за усвојување на Извештајот за извршување на програмите на општина Неготино за 2015 година, советниците на советничката група на СДСМ гласаа против.