550 денари од февруари повисоки пензии
Февруарските пензии што пензионерите ќе ги добијат во март в година ќе бидат поголеми за пет отсто. Ова вонредно зголемување на пензиите се предвидува со најновите измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, со кои сите пензионери во земјава ќе добијат линеарно - еднакво покачување на пензиите во висина од околу 550 денари.
Зголемувањето од пет проценти ќе биде реализирано откако претходно во почетокот на 2013 годината пензионерите ќе го добијат редовниот раст од 2 проценти. Тој доаѓа како резултат на платите и животните трошоци, што ќе значи дека пензиите заклучно со февруари ќе пораснат за околу 7 проценти.
Повисоките пензии, денеска, ги најави министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој објасни дека целата сума на пари за исплата на пензиите за февруари 2013 година ќе се зголеми за пет отсто. „Така, добиениот износ ќе се подели со вкупниот број на корисници на пензија. Тоа ќе значи дека сите пензионери ќе добијат еднакво покачување на пензиите“, додаде Ристовски.
Со вонредното зголемување на пензиите ќе бидат опфатени корисниците на пензија кои се стекнале со право на пензија заклучно со февруари 2013 година. Според министерот, имало две опции за кои размислувала Владата, а кои имале идентични фискални импликации врз буџетот.
„Се одлучивме за исто зголемување откако пензионерите не" информираа дека оваа опција е поправилна и поправична“, рече министерот за труд и социјална политика.
За пензионерите ова е солидарна одлука. „Владата не" праша на кој начин да го реализираме зголемувањето на пензиите. Направивме анкета меѓу членовите, и најголемиот дел од пензионерите беа за тоа сите да добијат исто покачување. Речиси сите пензионери сметаа дека ваквата одлука е поправична. Донесовме солидарна одлука бидејќи околу 180.000 пензионери со помали пензии ќе добијат поголемо зголемување на пензиите“, изјави Драги Аргировски, претседател на Сојузот на пензионерите, кој изрази задоволство од мерката, особено, како што рече, бидејќи доаѓа во услови на економска криза.
Во Македонија од 2006 година до сега пензиите се зголемија за 38 отсто, така што ако просечната пензија во 2006 година изнесуваше 7,683 денари, во 2012 година таа е 10,873 денари, додека најниската пензија од 2006 година до сега се зголеми за 55 отсто. Најниската пензија, според податоците на Министерството за труд и социјална политика, изнесува 6.325 денари, а највисоката 34.680 денари.