ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » 70 ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ НА МАКЕДОНИЈА

70 ГОДИНИ ЦРВЕН КРСТ НА МАКЕДОНИЈА


Додадено на 17-03-2015 во МАКЕДОНИЈА

Црвениот крст на Република Македонија денеска ја одбележува 70 годишнината од основањето и 20 годишнината од полноправното членство во меѓународната федерација на друштвата на Црвениот Крст и Црвената полумесечина. Црвениот крст на Македонија е формиран на 17 март 1945 година, а е признат како национално друштво на Црвен крст од Меѓународниот комитет на Црвениот крст на 01 Ноември 1995 додека пак на 27 ноември 1995 година станува полноправен член на Меѓународната федерација на националните друштва на Црвениот крст и Црвената полумесечина, како 169 членка на Меѓународното движење. Црвениот крст е единствена организација на територијата на Република Македонија, која ја сочинуваат организациите на Црвениот крст на општините и градот Скопје. Тој не претставува здружение на граѓани, но е доброволна, масовна, самостојна, невладина, непартиска и независна хуманитарна организација на граѓаните на Република Македонија. Нивното работење втемелено врз универзалните принципи, има моќ да го унапреди светот во кој живееме преку промовирање на мир и толеранција, ефикасна превенција, навремен одговор и соодветна поддршка за ранливото население. Идејата за хуманост се родила во 1859 год. од страна на швајцарскиот трговец Анри Динан, кој бил сведок на ужасите од битката кај Солферино, Италија. Тој со четворица угледни пријатели, во Женева, Швајцарија формирал Меѓународен Комитет на Црвен крст и го регистрирал со заштитен знак Црвен крст на бело поле (обратно од обележјата на државното знаме на Швајцарија). Тогаш била донесена Конвенција од 10 члена и била прокламирана мисијата на движењето: „ Да го спречи и ублажи човековото страдање каде да е, да го заштити животот и здравјето, да обезбеди почит и достоинство за човековото битие, особено во време на вооружени конфликти, несреќи и катастрофи, да работи на превенција на болестите и унапредување на здравствената и социјалната добросостојба на луѓето, да поттикне доброволно ангажирање и постојана подготвеност за давање помош како и универзално чувство за солидарност и хуманост.“