75 ГОДИНИ ОД ЗАГИНУВАЊЕТО НА ДИМЕ ПОП АТАНАСОВ
Со положување на свежо цвеќе на спомен бистата во селото Горни Дисан, Неготинско, делегации на Здруженијата на борци од Неготино, Кавадарци, Штип, Радовиш, Валандово како и претставници на политичката партија на СДСМ и бројни граѓани, денеска ја одбележаа 75 годишнината од смртта на Диме Поп Атанасов, првата жртва во Тиквешијата и Македонија на бугарската окупација за време на Втората светска војна во Македонија . За самиот меморијален собир говореше а воедно ги поздрави и сите присутни секретарот на ОО Сојуз на борци Петар Стефанов, а за животот на Диме и трагичното загинување говореше претседателот на ОО Сојуз на борци Атанас Најдов.
Диме Поп Атанасов бил роден во кавадаречкото село Стрмашево 1918 година. Родителите му се преселиле во Кавадарци каде го завршил основното образование и граѓанско училиште до четврти клас. Немајќи материјални можности за дошколување, првично бил шивачки калфа, а подоцна и писар во општината. Носител бил на прогресивни идеи во градот, а љубовта кон знаењето и образованието биле причина за иницијатива за формирање градска библиотека и читална. Подоцна организирал и младински отпор кон српскиот хегемонистички апарат. Набргу по ова веќе бил непожелен за власта, па не само што бил исфрлен од општината туку и повеќе пати бил приведуван и затворан во кавадаречкиот затвор.
По капитулацијата на тогашна Југославија, не чекал ниту недела, а веќе тргнал во организирање на македонскиот народ од Тиквешијата за оружена борба против бугарскиот окупатор. На терен бил постојано, меѓу интелектуалната младина во градот и по селата. Вршел собирање на оружје за востанието против Бугарите, работел на организирање на народот. Кога бил во селото Горни Дисан заедно со неколку негови истомисленици, при агитација за нужен отпор кон бугарскиот окупатор, паднал смртно погоден при огнена пресметка. Загинал уште при подготовките на Тиквешијата за одлучна борба против Бугарите и фашистичка Германија на 13 јули 1941, како прва жртва на бунтовната Тиквешија, но и на Македонија, против бугарската окупација.