ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » АНКЕТА: Зголемена довербата во Иванов

АНКЕТА: Зголемена довербата во Иванов


Додадено на 11-11-2012 во МАКЕДОНИЈА

Претседателот Ѓорѓе Иванов ја извршува функцијата чесно, сметаат 73 проценти од граѓаните опфатени со телефонската анкета што од 24 до 27 октомври годинава ја спроведе Институтот за политички истражувања од Скопје (ИПИС) на барање на Кабинетот на Претседателот.

Анкетата, чии резултати беа објавени денеска,  опфати 1.115 испитаници, и е дел од редовните метрења на ставовите на граѓаните за нивната доверба и перцепции за работата на претседателот на Македонија.

Процентот на граѓаните  кои сметаат дека Иванов ја врши функцијата чесно бележи раст во четирите последователни анкети на ИПИС и од 63,4 проценти во мај минатата година, во октомври достигна 73,1.

Негативен одговор на прашањето дали претседателот чесно ја извршува функцијата во анкетата од минатиот месец дале 15,5 проценти од испитаниците, а 11,4 проценти немале одговор.

На прашањето какво е вашето мислење за претседателот, 58,4 проценти од испитаниците одговориле позитивно, 23,2 проценти негативно, а 18,4 проценти одговориле со незнам и немам одговор.

Прашани како ја оценуваат политиката и работата на претседателот за прашањето за името, 61,3 проценти  дале одговор позитивно, 31,9 проценти негативно, а 6,8 проценти биле без одговор.

 Позитивна оценка за политиката и работата на Иванов во надворешната политика на државата изнеле 58,7 проценти, а негативна 30,7 проценти.

Педесет и четири проценти од граѓаните сметаат дека шефот на државата е доволно присутен меѓу граѓаните, а 31,9 проценти се изјасниле дека се запознаени со проектот на претседателот „Школа за млади лидери“.

Според политикологот Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања Скопје, позитивната перцепција во претседателот Иванов се зголемува главно поради две причини.

- Ако претходно се создаваше перцепција за него посредно, преку мнението на другите политичари, бидејќи претходно претседателот немаше политичка функција и не беше познат за поголем дел од граѓаните, во изминатиов период граѓаните почнаа да создаваат директна перцепција и директно да вреднуваат дали и како тој работи и врз база на тоа да се определуваат позитивно или негативно. Со оглед дека грганите се определуваат позитивно, тоа значи дека ја вреднуваат и ја познаваат работата која што ја врши претседателот, вели Божиновски.

Според него, големо влијание врз мислењето на граѓаните имаат и повеќето иницијативи кои ги покрена претседателот Иванов, како што е проектот Народни канцеларии, Школата за млади лидери итн, а кои опфаќаат повеќе целни групи.

Зголемувањето на довербата, додава, се должи и на фактот што Иванов има принципиелни и континуирани ставови во однос на прашањата од државен интерес.

- Што значи не ги менува така лесно ставовите како што сме навикнати тоа да го слушаме кај некои други политичари, што повторно создава позитивна перцепција кај граѓаните. Но, и самото тоа што го перципираат како чесен, односно човек позади кој нема коруптивни афери, дополнително влијае на зголемување на неговиот позитивен рејтинг, вели Божиновски.

 Зголемувањето на довербата на граѓаните во претседателот Иванов, според професорот Исмет Рамадани, пак, е пред се одраз на конструктивните политики на Иванов и неговиот искрен настап кога се работи за прашања во интерес на државата.

- Мислам дека граѓаните сфатија дека претседателот Иванов, иако одвреме – навреме тоа го прави со емоции, во име на државата, искрено се залага да го реши проблемот со името, со тоа што настапува со цел да го зачува идентитетот, јазикот и сите карактеристики на една нација, изјави професорот Рамадани.

Според него, евидентно е дека граѓаните сфатиле дека се работи за претседател кој навистина е загрижен за состојбите во државата и секогаш настојува да ги одбрани државните интереси.

- Полека, но сигурно станува јасно дека претседателот на државата добива се поголема доверба кај граѓаните и не случајно тоа го покажуваат и анкетите на јавното мислење, коментира Рамадани.