ПОЧЕТНА » СПОРТ » Арсенал на чекор до изненадување , историски успех за Малага

Арсенал на чекор до изненадување , историски успех за Малага


Додадено на 14-03-2013 во СПОРТ

 

Фудбалерите на Баерн од Минхен се пласира во четвртфиналето на Лигата на шампионите, иако синоќа на својата „Алијанц арена“ доживеаја неочекуван пораз од Арсенал со 2:0. Со истиот резултат во вториот осминафинален дуел Малага го победи Порто и обезбеди место меѓу осумте најдобри во Европа.

Арсенал ги оствари најавите на тренерот Арсен Вегнер дека по поразот од 3:1 на првиот натпревар во Лондон, ќе се обидат да го изненадат Баерн на реваншот во Минхен. На Баварците ова им беше првиот пораз од 28 октомври лани во сите натпреварувачки конкуренции.

„Топџиите“ дојдоа во водство уште во третата минута со голот на Оливие Жиру. Баерн до крајот на првото и во почетокот на второто полувреме имаше неколку конкретни шанси за гол, а двете најдобри ги пропушти Аријен Робен. Казната за промашувањата дојде во 85 минута кога Лоран Кошчелни беше највисок во скокот по изведениот корнер и го совлада голманот Мануел Ноер. Сепак, Арсенал до крајот на натпреварот не успеа да постигне уште еден гол и целосно да го изненади Баерн.

Во вториот реванш осминафинален дуел шпанската Малага на домашен терен против Порто го постигна најголемиот успех во историјата на клубот. Победата на домаќините ја најави младиот Иско кој во 43 минута испрати „бомба“ зад грбот на Хелтон, голманот на Португалците. Работата на Малага и беше многу олеснета од 48. минута кога поради втор жолт картон беше исклучен играчот на Порто, Стивен Дефур. Голот кој на Малага и обезбеди четвртфинале во Лигата на шампионите го постигна Роке Санта Круз во 77. минута кога со глава ја затресе мрежата на Хелтон. Првиот меч меѓу овие два тима го доби Порто со 1:0.

Пласман во четвртфиналето на Лигата на шампионите претходно изборија Јувентус, Пари Сен Жермен, Борусија Дортмунд, Реал Мадрид, Барселона и Шалке 04.

Жребката за четвртфиналните натпревари ќе биде одржана утре во седиштето на УЕФА во швајцарскиот град Нион.