ПОЧЕТНА » ФИЛМ » Вакцинацијата против грип почнува во петок

Вакцинацијата против грип почнува во петок


Додадено на 22-10-2012 во ФИЛМ


Вакцинацијата против грип почнува во петок, ќе се врши во центрите за јавно здравје во државата и ќе чини 400 денари.

 

Набавени се 30.000 дози вакцини против грип кои ќе бидат распределени по центрите за јавно здравје за вакцинација и во десетина приватни здравствени установи кои се овластени за вакцинација против грип.

Ова денеска го изјави Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита во Министерството за здравство, која рече дека вакцината е проверена од Бирото за лекови, како и од меѓународните агенции задолжени за проверка и квалитет на лекови.

Таа посочи дека наближува сезоната за грип, пожелно е населението да се вакцинира против ова заразно заболување, а најуспешна метода или превентивна мерка е вакцинација за стекнување на имунитет против грипот.

- Дел од вакцините се производство на Авентис Пастер од Франција, а дел од нив се производство на Глаксо Смит Клајн испостава во Германија. Тие се безбедни за употреба, квалитетни и препорачуваме на населението навреме да се вакцинира бидејќи е потребно две недели минимум за создавање имунитет и отпорност на организмот, рече Костовска.

Вакцината против грип, потенцира таа, посебно е  препорачана за ризичните групи, а тоа се постарите лица со хронични заболувања, помалите лица со намален имунитет и хронични заболувања, како и за лицата кои во текот на својата работа се изложени на заразување како здравствените работници и други струки - полиција, теренски работници, пошта, комуникации итн.

Таа информира дека ова заболување може да помине со лесна клиничка слика, но може да даде и посериозни компликации.

- Секоја година Светската здравствена организација прави анализи во светски рамки кои типови вирус циркулираат и врз основа на тоа дава препорака за правење вакцини за следната година. Врз основа на она што циркулирало претходната година во северната хемисфера каде спаѓаме и ние, направена е оваа тритипна вакцина која штити од двата типа на вирус А, а тоа е Х3Н2 и Х1Н1 и штити од вирус на грип од групата Б. Значи, очекуваме три типа да циркулираат, рече Костовска.

Минатата година, како што истакна, доминантен беше сезонскиот тип на вирус на грип или Х3Н2 и вирус на грип од групата Б, а оваа година штом ќе почне сезоната на грип со првите случаи ќе се земат анализи во Институтот за јавно здравје и ќе се следи за да се види кои типови вирус на грип оваа година ќе циркулираат.

- Кога беше епидемијата на пандемиски грип во 2009 година имаше 58.000 заболени со околу 27 смртни случаи. Во 2010/2011 година имаше 28.000 заболени со 10 смртни случаи. Минатата година имаше 9.000 заболени, а немаше смртни случаи. Очекуваме дека и оваа година ќе поминеме многу полесно, додаде Костовска.