ВЕЧЕР КОНЦЕРТ НА МАНДОЛИНСКИОТ ОРКЕСТАР НА МКЦ СКОПЈЕ ВО НЕГОТИНО
Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино продолжува да ја негува и издигнува културата и уметноста во општина Неготино на едно повисоко ниво. По многубројните ликовни изложби на домашни и странски уметници и во наредните три дена во неготинскиот центар ќе се случуваат настани. Имено, денес ( среда ) со почеток од 19,30 часот свој концерт ќе одржи Мандолинскиот оркестар на Младинскиот културен центар од Скопје. Препознатлив по својата оригиналност и единственост, како во изборот, изведбата на целокупната програма, така и по својот состав на членови сочинет од најразлични возрасти, ученици основци, средношколци, студенти и вработени. Формиран на иницијатива на Рамадан Шукри во 1981 година. Во 2001 раководството на оркестарот го презема Сашо Татарчевски кој го освежил oркестарот и со програма и со нови членови. Во моментов со оркестарот работи Ванчо Јовчев, кој веќе шест години регрутира и едуцира нови членови. Освен културна, овој ансамбл има и едукативна и воспитна функција, создавајќи од младите луѓе врвни познавачи и почитувачи на музиката. Во периодот на своето постоење Мандолинскиот оркестар на МКЦ има освоено голем број престижни награди, признанија, пофалници. Мандолинскиот оркестар бележи и исклучителни настапи на престижни музички фестивали од ревијален карактер, достојно претставувајќи ги македонските музички и културни потенцијали. Во четврток 10 декември со почеток од 20 часот својата премиера во Неготино ќе ја доживее претставата „ Како да ја убиеш сопругата и зошто “ во изведба на Аматерскиот театар на Центарот за култура од Неготино, а сите оние кои нема да можат да дојдат и да ја погледнат истата ќе може да ја погледнат и во петок на 11 декември со почеток од 19 часот. Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино ги покануваат сите љубители на музиката и театарот од Неготино и регионот да дојдат да ги погледнат и да уживаат во истите.