ВКУСНИ ПРОФИТЕРОЛИ
Профитеролите се многу вкусни мини еклерчиња кои својата популарност ја стекнале уште во времето на ренесансата кога рецептот од Италија бил пренесен во Франција од страна на Катерина де Медичи. Во 1540 год. нејзиниот личен кувар го креирал рецептот за еклери и профитероли кој потоа бил распространет во цела Европа и станал многу популарен во Франција, Англија и секако Италија. Вистинската тајна во подготовката на профитеролите се состои во печењето на тестото, кое треба добро да се испече за да добие шуплива внатрешност.
Потребни состојки:
- 130 мл. вода
- 40 гр. путер
- 5 јајца
- малку сол
- 90 гр. брашно тип 400
- 1 пудинг
- 250 мл. млеко
- 200 гр. шлаг
- 100 мл. хопла
- 100 гр. чоколадо за готвење
Подготовка:
- За кремот: Прашокот за пудинг измешајте го со шеќерот и малку ладно млеко. Остатокот од млекото сварете го и тргнете го од рингла. Во млекото додадете го разматениот прашок за пудинг и мешајќи варете 1 до 2 минути, па изладете го пудингот. Изладениот пудинг измешајте со шлагот.
- За тестото: Во мал сад ставете вода, путер и сол, па оставете да проврие. Додадете брашно и смесата варете ја додека не добиете густа топка. Малку изладете, а потоа додадете едно по едно јајце. Смесата мешајте ја со миксер додека не се изедначи.
- Вареното тесто ставете го во слаткарски шприц, а потоа на намачкан плех со масло истискајте топчиња со големина на орев. Печете 20 минути во загреана рерна на 190 степени. Печените профитероли потоа оставете да се изладат.
- Во слаткарскиот шприц ставете го подготвениот крем од ванила. Секоја профитерола наполнете ја со малку крем. Наполнетите профитероли ставете ги на чинија за послужување.
- За преливот: Загрејте ја хоплата, измешајте го здробеното чоколадо во еднолична смеса и потоа изладете го. Со овој прелив прелијте ги профитеролите.
Добар апетит !