Владата ќе отвори банка на матични клетки
Формирање банка за чување матични клетки кои се користат во медицината за лекување голем број малигни, хематолошки и други заболувања е новиот проект со кој ќе се модернизира македонското здравство.
Одлуката за формирање ваков вид институција во Македонија ја донесе Владата на иницијатива на Министерството за здравство, а во контекст на следење на модерните технологии и техники и новите трендови во здравствената заштита кои ќе понудат нов квалитет во услугата за граѓаните.
Како што изјави на денешната прес-конференција портпаролот на Владата Александар Ѓорѓиев, во Република Македонија нема банки за чување на овие клетки, туку само приватни компании кои соработуваат со странски банки на матични клетки при што цената која ја плаќаат македонските граѓани за оваа услуга за земање, транспорт, типизација и замрзнување на матични клетки од папочната врвца чини помеѓу 2.000 и 2.500 американски долари, а годишно за нивно чување дополнителни 200 американски долари.
- Учеството на државата во овој процес, кој е потребен за граѓаните, ќе донесе нов квалитет во дејноста и ќе овозможи помала цена на услугата, но и значително поголема достапност за оваа услуга за граѓаните. Со домашната банка во секој момент би можеле да се користат клетките кои се замрзнати, а би се намалиле и трошоците за транспорт во двата правци и за самото вадење на клетките и обезбедување на примерокот, посочи Ѓорѓиев.
Покрај користење на клетките за лекување евентуални болести на донорот на тие клетки и неговите роднини оваа банка, додаде, би овозможила и лекување на трети лица кои се сродни по типизација со донорот иако немаат крвна врска, за што би се формирала и база на донори, чии клетки може да се користат во соодветна процедура која ќе биде утврдена со закон.
Ѓорѓиев посочи дека веќе е во процедура изработката на физибилити-студија за формирање банка на матични стен-клетки по пат на јавно - приватно партнерство со цел подетално утврдување на условите и критериумите за нејзино формирање. Студијата треба да биде готова до крајот на првиот квартал од 2013 година, а откако ќе биде разгледана од Владата ќе следи распишување постапка за јавно приватно партнерство. Се очекува во рок од шест месеци по финалната одлука на Владата и отворање на банката.