Влажни коловози и можна појава на голомразица
Сообраќајот на сите државни патишта во Македонија се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Поради ниски температури на повисоките места, можна е појава на голомразица. АМСМ препорачува исклучително внимателно возење, прилагодена брзина на движење на отежнатите услови за сообраќај и почитување на поставената сообраќајна сигнализација. Посебно внимание е потребно на делниците кои минуваат низ клисурите и засеците, особено на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Демир Капија – Удово, каде е можна почеста појава на одрони. Од ГЕИНГ известуваат дека за потребите за изработка на проектна документација за рехабилитација на државен пат А-3, делница Превалец (Кочани) – Делчево, од 12.01.2015 год. ќе се започне со активности на патот, односно геодетско снимање и геотехнички истражни работи и истите се очекува да бидат со времетраење од 5 месеци (до 12.06.2015 год.). Работите ќе се изведуваат во временски период од 06:00 до 19:00 часот. На делот од патот од брана Маврово до раскрсницата за село Галичник продолжуваат градежните работи. Препорачуваме повнимателно возење поради присуство на механизација и работници, а при асфалтирање можни се повремени затворања на патот. Поради изведување работи на пат (гребење на асфалт) на патниот правец Велес – Скопје (од Штипска клучка до тунелот Катланово) сообраќајот се одвива по една коловозна лента, за што е поставена соодветна сообраќајна сигнализација. На патниот правец А1 Гевгелија-Скопје од надвозникот кај клучка Велес до наплатната станица Отовица се изведуваат работи на мостовите, а сообраќајот по тие мостови се одвива по една сообраќајна лента. Поради извршување на градежни активности на државниот пат А3, делница Велес – Кадрифаково, сообраќајот се одвива под времен режим на сообраќај и тоа :од крајот на трета лента (депонија Велес) до село Лозово и од село Лозово преку село Сарамзалино до клучка Кадрифаково.
Учесниците во сообраќајот треба да се придржувааат на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација се до завршување на градежните активности. На сите овие патни правци за изведувањето на градежните работи има поставено соодветна патна и сообраќајна сигнализација. На 19.12.2014 година стартува времениот сообраќаен режим на забрана за движење на товарни моторни возила,чија најголема дозволена маса надминува 15 тони, на подрачјето на Град Скопје. Забраната е од времен карактер и ќе се спроведува од 19.12.2014 година до 31.03.2015 година, во текот на денот и тоа од 08 часот до 20 часот. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини нема подолги задржувања за влез и за излез од државата. Потсетување за сите возачи на законската обврска за поседување на зимската опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15 март.