ВО НЕГОТИНО ОТВОРЕНА ИЗЛОЖБА НА ЛИКОВНИОТ УМЕТНИК БИЛЈАНА БИНЧЕВ ОД ПРИЛЕП
Во Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ во Неготино вчера беше отворена првата самостојна изложба на уметникот Билјана Бинчев од Прилеп.
Љубителите на уметноста од Неготино имаа можност да погледат 10 уметнички дела, односно циклус емоции поврзани со женското тело, актови работени во ракопис на Бинчев кои ги создала за многу краток период. Изложбата за отворена ја прогласи директорката на неготинскиот центар за култура Мирјана Јованова, а за своите дела говореше авторката Бинчев. Како што истакна таа овие дела се создадени водејќи се од внатрешните емоции на самата како автор во кои преовладува нешто ново, свежо. Дела во кои е претставено женското тело, мајчинството.
Инаку, Бинчев е родена 1981 година во Прилеп. Средно уметничко училиште завршила во Скопје. Во 2006 година дипломирала на Педагошкиот факултет во Битола, додека 2010 се запишала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, педагошки оддел со сликарство во класата на професор Јован Шумковски. Дипломирала во 2014 година при што добила и награда за постигнат највисок просек и одлични резултати во текот на студиите. За време на своите студии учествувала на повеќе групни изложби и ликовни колонии во трите ликовни дисциплини: сликарство, вајарство и графика. Денес работи како постојан стручен соработник во ателјето на скулпторот Златан Трајков во Скопје.
Оваа изложба на Билјана Бинчев во Центарот за култура во Неготино е преземена од Домот на културата Иван Мазов Климе од Кавадарци која пред извесен период беше претставена и во Кавадарци, а во центарот за култура во Неготино ќе биде изложена и во наредните 7 денови.