ВО НЕГОТИНО ЌЕ СЕ ОДРЖУВА ПРВИОТ ХЕПЕНИГ НАСЛОВЕН НЕГОТИНО ОФЛАЈН ФЕСТИВАЛ
Под мотото „ Ден без социјални мрежи “ на 12 јуни, недела во општина Неготино ќе се случува односно ќе се организира хепенинг насловен Неготино офлајн Фест. Овој хепенинг се организира за прв пат во Неготино, а е во организација на младиот ентузијаст Димитар Аврамов од Неготино секако поддржан од локална самоуправа Неготино.
„ 12-ти јуни е одличен ден за започнување на нешто ново, нешто поразлично од секојдневниот ритам на живот. Целата младина и сите граѓани низ Tиквешијата, а воедно и пошироко имаат една одлична прилика за добра забава и дружење. Имено, сè помасовната преокупација на младите луѓе со социјалните мрежи и сè помалата дружба во реалниот свет, ме натера да пробам да издвојам еден ден за сите нас. Ден во кој целосно ќе се дружиме надвор од тој виртуелен свет и ќе потсетиме на старите добри денови. Денови во кои не постоеше интернет, кога безгрижно се дружевме, кога не постоеше зборот „гордост“ и кога денот го започнувавме и завршувавме заедно. Тогаш кога улиците ги полневме со среќа, радост и многу насмеани лица, кога единствено дома ги полневме нашите стомаци, за потоа брзо да ги испразнеме. Кога се смеевме и плачевме на целиот глас без да почувствуваме страв и срам, единствено само спокојство во сите нас. Тоа беа времиња кои ги поминувавме со многу желба, а најубавите моменти останаа засекогаш затворени во нашите мемории. Ајде да докажеме дека Неготино знае, може и умее да се забавува “ вели организаторот.
Целата манифестација ќе се случува на 12 јуни, недела со почеток од 16 часот и тоа на терените на СРЦ „ Младост “ Неготино каде ќе се организираат турнири во фудбал, кошарка, тенис. Спортскиот дел се очекува да заврши во 19 часот. Со настап на неколку диџеи од 21 часот ќе започне и забавата на отворено. Организаторите се надеваат дека ќе помине во најдобро светло, а воедно ги покануваат сите граѓани да присуствуваат на настанот на едно исто место да создадаат една голема хармонија и љубов во реалниот свет.