ВО НЕГОТИНО ЌЕ СЕ ОРГАНИЗИРА МЛАДИНСКИ ТУРНИР ВО РАКОМЕТ
Во организација на ракометниот клуб Вардар Неготино, со финансиска поддршка на општина Неготино, оваа година по трет пат ќе се одржи традиционалниот турнир во ракомет за младински категории “Неготино 2015”. Турнирот ќе се одигра во спортската сала на СОУ “Св. Кирил и Методиј”, а ќе започне на 19 декември (сабота) со почеток во 10.00 часот. На истиот учество ќе земат 4 екипи во машка конкуренција (кадети), 2 екипи во женска конкуренција (кадетки) и две пионерски екипи. Во машка кадетска конкуренција ќе настапат екипите на РК “Торо Спорт” од Виница, РК “Делчево” од Делчево, ГРК “Тиквеш” од Кавадарци и домаќинот РК “Вардар Неготино”, кои ќе играат по турнирски систем. Во финалето ќе се сретнат најдобро пласираните две екипи. Во женска конкуренција силите ќе ги одмерат екипите на РКЖ “Вардар Неготино” и ЖРК “Торо Спорт” од Виница, а мечот во пионерска конкуренција ќе го одиграат екипите на ГРК “Тиквеш” од Кавадарци и домаќинот РК “Вардар Неготино”. Турнирот ќе го отвори градоначалникот на Општина Неготино, г-нот Ванчо Апостолов, кој е воедно и главен покровител на истиот.