Голем интерес за субвенции
Интересот за државната помош од 2 денари за килограм предадено грозје во домашните винарии и годинава е голем. Во подрачната единица на МЗШВ Кавадарци до 15 овој месец се поднесуваат барања за ова подршка. Началникот на подрачната единица, Зоран Шалев информира дека досега се поднесени над 1500 барања, а со наближувањето на крајниот рок за аплицирање интересот се зголемува.
“Се очекува околу 4 илјади лозари од кавадаречко и росоманско да побараат субвенционирање по оваа дополнителна мерка донесена од страна на Владата на Република Македонија. Со оглед на тоа што на територијата на двете општини има околу 6 илјади лозари, останатите околу 2 илјади производители на грозје најверојатно својот род го имаат извезено преку разни откупувачи на странските пазари“ вели Шалев.
Лозарите потребно е заедно со барањето да достават и оригинални откупни белешки издадени од винарските визби, а од истите да направат и фотокопија. Лозарите велат дека им се значајни овие 2 денари за килограм бидејќи сеуште грозјето им се откупува по ниски цени кои не им ги покриваат трошоците.