ГРЕЕНО ВИНО
Грееното вино или варено вино попознато кај нас, е одличен пијалак за да се згреете и расположите во студените зимски денови. Аромата која му ја даваат зачините е карактеристична и примамлива, па честопати е тешко да му одолеете и да не се напиете уште една голтка. Најчесто се приготвува од црвено вино кое е зачинето со стапчиња цимет, каранфилчиња, ванила, портокал и/или лимон, а за уште подобар вкус се додава и шеќер или мед. Секогаш се служи топло. Грееното вино е многу популарно низ Европа. Во Германија се нарекува Glühwein, во Франција vin chaud, а во Италија vin brulé. Совршено е за да го изненадите вашето друштво, затоа што не е скапо за приготвување, а освен тоа го исполнува воздухот со пријатен мирис кој никого не остава рамнодушен. Постојат многу различни рецепти и методи за приготвување на греено вино. Некои луѓе прво го загреваат виното, па потоа ги додаваат зачините. Други, прво го ставаат шеќерот и зачините во мала количина вода и откако ќе повријат заедно неколку минути, го додаваат виното. Трети, пак, ги ставаат сите зачини во газа и заедно со шеќерот ги додаваат во виното, го загреваат виното неколку минути, а пред сервирање ја вадат газата од виното.