ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » Груевски: “Ќе одговориме наскоро на меморандумот на Грција“

Груевски: “Ќе одговориме наскоро на меморандумот на Грција“


Додадено на 02-11-2012 во МАКЕДОНИЈА

Владата наскоро ќе одговори на меморандумот за соработка кој на почетокот на месецов го доби од  Грција и содржината ќе биде јавна како што бил и предлогот од  официјална Атина, рече премиерот Никола Груевски одговарајќи му на пратеникот Андреј Петров од СДСМ на собраниската седница за пратенички прашања.

- Тој одговор ќе биде во склад со нашите досегашни ставови и позиции по ова прашање, ќе биде конзистентен, нема да биде променлив како вашите ставови и да ги менуваме секој месец. Тој ќе биде и во согласност со интересите на Република Македонија. Ќе одговориме наскоро, тогаш кога ќе оцениме дека е најсоодветно и онака како што е најдобро за интересите на Република Македонија, рече Груевски.

Петров смета дека изјаснувањето треба да биде побрзо зашто со неодговарањето на меморандумот од една страничка, како што рече, се создава недоумица дека Владата се колеба да ги прифати грчките црвени линии. Побара и одговор што подразбира иницијативата на еврокомесарот за проширување Штефан Филе за добивање датум за преговори со ЕУ во декември и решавање на прашањето за името во рана фаза од пристапните преговори.