ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ДВАНАЕСЕТМИНА ПЛАНИНАРИ НА СПАОК АНТИГОНЕА - НЕГОТИНО СЕ ИСКАЧИЈА НА ВРВОТ РУЕН

ДВАНАЕСЕТМИНА ПЛАНИНАРИ НА СПАОК АНТИГОНЕА - НЕГОТИНО СЕ ИСКАЧИЈА НА ВРВОТ РУЕН


Додадено на 09-02-2016 во НЕГОТИНО

Шеесетина планинари од Скопје, Куманово, Велес, Крива Паланка меѓу кои и дванаесетмина членови на СПАОК АНТИГОНЕА од Неготино изминатите денови беа дел од акцијата зимско искачување  на највисокиот врв на Осоговските планини Руен висок 2252 метри н.в.

Oва зимско искчување било организирано од двајца планинари од Куманово. Врвот се наоѓа на самата граница меѓу Република Македонија и Бугарија, и е дел од 100-те национални туристички објекти на Бугарија.

„ Од врвот имавме неверојатна глетка и незаборавни пејзажи. Времето беше сончево и идеално да се видат Шар Планина, Пелистер, Кожув, Скопска Црна гора, Солунска глава. Се гледаа и Пирин, Вихрен во Бугарија, Бесна Кобила во Србија и други планини и врвови во Македонија и во нашето соседство “ - велат планинарите од СПАОК АНТИГОНЕА.

Инаку, на врвот „Руен“ можете да се искачувате главно од два правци и тоа едниот е од правецот на Кочани преку Пониква до Царев Врв на кој нема маркација. Патеката прво ве спушта до преслапот „Ајдучка чешма“, што е најниска точка на патеката, па потоа го почнувате искачувањето на Руен кое вкупно од Царев Врв трае околу 2 часа.

Друг правец е преку рудникот „Тораница“ , пат по кој овие шеесетина планинари се движеле. Од рудникот може да се искачува директно на врвот Руен иако нема маркација, но полесна варијанта е да се искачува во правец на седлото меѓу Царев Врв и Руен и потоа да одите кон самиот врвот.