ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ДВАЈЦА ШАХИСТИ ОД НЕГОТИНО НА ОЛИМПИЈАДА ВО БАКУ

ДВАЈЦА ШАХИСТИ ОД НЕГОТИНО НА ОЛИМПИЈАДА ВО БАКУ


Додадено на 27-06-2016 во НЕГОТИНО

 Двајца шахисти од Неготино се во составот на репрезентацијата на Република Македонија што селекторот Марјан Митков го објави за настап на шаховската Олимпијада која во месец септември ќе се одржи во Баку-Азербејџан. Велемајсторот Трајко Недев кој со рејтинг од 2.480 е треторангиран во нашата држава и Тони Лазов со 2.336 кој е тринаесеторангиран се дел од 5-члената екипа на шаховската репрезентација која ќе ги брани боите на Македонија на Олимпијадата во Баку.

Селекторот Марјан Митков се решил за подмладување, па во репрезентацијата се повикани 16-годишниот Тони Лазов и 18-годишниот Никола Николовски кои се државни прваци во своите категории на кои им укажа доверба која ќе им овозможи да стекнуваат нови искуства на вакви силни шаховски манифестации.

Сметаме дека беше време да се направи подмладување во репрезентацијата, да им се даде шанса на помладите и талентирани шахисти да настапат, кои истовремено и ќе стекнуваат искуство од вакви силни шаховски манифестации. Со ваков подмладен состав главна цел ќе биде да се прикажеме во што посветло издание во Баку, а би бил задоволен ако оствариме 10-15 места над почетниот пласман на репрезентацијата во Баку – истакнува Митков.

Се надеваме дека Недев кој е веќе етаблирано име во македонскиот шах и младиот Лaзов ќе ги оправдаат очекувањата на селекторот Митков и ќе дадат сопствен придонес нашата репрезентација да се прикаже во што е можно посветло издание на најмасовното натпреварување-шаховската Олимпијада во Азербејџан.