Девизните резерви на ново рекордно ниво
На крајот на месец септември Македонија има рекордно ниво на девизни резерви од 2, 1 милијарди евра, објави Народната банка на Македонија.
Имено, ова претставува највисоко ниво на девизни резерви што нашата земја го забележува од осамостојувањето во 1991 година па до сега. Според информациите, апсолутниот рекорд на месечно ниво бил постигнат во месец август кога девизните резерви изнесувале 2,114 милијарди евра, пренесува МКД.мк.
Инаку, износот на девизните резерви во месец септември годинава, во однос на септември минатата година се поголеми за 255, 8 милиони евра. Така, во септември годинава, Македонија има девизни резерви во износ од 1000 евра по глава на жител.
Во споредба со претходниот квартал (периодот април, мај и јуни) девизните резерви во последниот квартал пораснале за 84,9 милиони евра, што значи дека просечно дневно нашите девизни резерви растеле за 943.330 евра.
Девизните резерви пораснале по сите основи.
Монетарното злато, валутите и депозитите (кои се чуваат во странство) и хартиите од вредност (од кои најголем дел се германски државни обврзници) се она што ја прави структурата на македонските деевизни резерви.
Според официјалната евиденција дури 1,554 милијарди евра од македонските девизни резерви се чуваат во хартии од вредност кои Народната банка ги купува на светските финансиски пазари.
Во споредба со претходниот квартал кај нив се забележува пораст од 14,9 милиони евра. Најголем пораст има во ставката валути и депозити, каде е забележан пораст од 41,6 милиони евра. Имено, во однос на оваа ставка, на крајот на август месец Македонија забележува износ од 206, 6 милиони евра, а на крајот од септември тој се зголемил на вкупно 248,1 милиони евра.
Во монетарно злато Македонија чувала 300,7 милиони евра, а во споредба со претходниот квартал оваа ставка бележи раст на вредноста од 28,5 милиони евра.
Македонија во континуитет ги зголемува сопствените девизни резерви. Од 2010 година досега нашите девизни резерви се зголемени за речиси 390 милиони евра, а во споредба со 2005 година се зголемени за повеќе од 970 милиони евра.