ПОЧЕТНА » КАВАДАРЦИ » Дезинфицирана водата за пиење во Тиквешијата

Дезинфицирана водата за пиење во Тиквешијата


Додадено на 27-02-2013 во КАВАДАРЦИ

Дезинфицирана е водата за пиење во Тиквешијата. Првите микробиолошки резултати добиени денеска од мострите земени во понеделникот се добри, соопшти д-р Трајче Ризов, раководител на Центарот за јавно здравје во Кавадарци.

- За разлика од понеделникот кога во водата отсуствуваше резидуален хлор и кога наложивме максимум хлорирање и вклучување на течен хлор, денеска имаме појава на резидуален хлор во водата за пиење од регионалниот водовод „Лукар”. Веќе ја нема и жолтеникаво кафеавата боја што водата во понеделникот ја доби поради поројните дождови на планината Кожуф каде што се изворите на „Лукар”, рече Ризов.

Според него, обојувањето е намалено како што е намалена и вредноста на калиум перманганатот која се приближува кон нормативот.

Микробиолошката анализа покажува присуство само на непатогени бактерии кои не се опасни и постојано ги има, но сега се во малку зголемен број. Нема присуство на патогени бактерии од фекално потекло.

Правилата налагаат препораката за превривање на водата донесена во понеделникот да се укине тогаш кога ќе се добијат  добри резултати од анализираните мостри три пати последователно.

- Ако и утре и во петок резултатите бидат добри, ќе се укине препораката за задолжително превривање на водата за пиење пред употреба, истакна д-р Ризов.