ДЕНЕС Е СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ
Македонија денеска го одбележува денот на Св. Климент Охридски, со кој се слави делото на првиот оригинален словенски писател и просветител, првиот словенски епископ и творец на Охридската книжевна школа. Свети Климент Охридски (840 - 27 јули 916, Охрид) бил македонски светец, учител и еден од учениците на светите Кирил и Методиј кој учествувал во извршувањето на Моравската мисија. Св. Климент бил и првиот епископ словенски со титула епископ велички. Во 886 година ја формирал Охридската книжевна школа или попозната како „Прв словенски универзитет“, од кој како подготвени излегле 3.500 ученици.
Покрај црковните и педагошките дејности, особено учителско просветителски, Свети Климент развил и богата книжевна дејност. Автор е на многу поучни и похвални слова како похвалата на Кирил Филозоф, похвалата на пророкот Захариј и св. Јован Крстител, за свети Кирил и Методиј итн. Но, во неговото творештво преовладуваат поучителните слова кои се однесуваат на општохристијанските светители: Св.Ѓорѓи, Св.Тома, Св.Антониј, потоа слова посветени на Пресвета Богородица и слова посветени за настаните од животот на Господ Исус Христос. Во чест на светецот, во Македонија и Бугарија многу училишта, улици и државни институции го носат неговото име. Најголемата црква во Скопје, Соборниот храм, го носи името на Свети Климент, универзитетот во Битола, Националната и универзитетска библиотека на Македонија.