ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » ДЕНЕС Е СВЕТИ НИКОЛА

ДЕНЕС Е СВЕТИ НИКОЛА


Додадено на 19-12-2014 во МАКЕДОНИЈА

Православните христијани денеска го празнуваат големиот празник Свети Никола. Свети Никола или Свети Николај Чудотворец, архиепископ Мирликиски се смета за заштитник на морињата. На христијанските бродови обично се наоѓа иконата на светителот, а спроти денот на славењето бродовите застануваат каде и да се наоѓаат, се фрла сидрото во морето, морнарите ќе се помолат и ќе прославуваат цел ден, а утредента ќе го продолжат пловењето. На иконите Свети Никола се претставува со својата архиерејска одежда.

Свети Никола се роди во Патара, во малоазиската област Ликија, во третиот век. Уште од малечок се одликуваше со посебна чистота на душата и предаденост на Бога. Подоцна, во зрелата возраст, посака да стане монах, но Бог самиот, во едно видение, го упати да се врати во светот и така да им служи на луѓето. На чудесен начин беше избран за архиепископ на главниот град на Ликија, Мира. За време на гонењето на христијаните при Диоклецијан, беше ставен во затвор. Подоцна учествуваше на Првиот вселенски собор, во 325 година. Блажено се упокои во 342 година, во длабока старост. Беше најблаг пастир, голем чудотворец и помошник во секакви неволји. Неговите нетлени мошти беа пренесени од Мира во Бари во единаесеттиот век. Таму се наоѓаат до денес. Христијаните веруваат дека Свети Никола Чудотворец на многу пати ги спасувал изгубените бродови и поради тоа тој е заштитник на морепловците, рибарите, бродовите. Во Германија, Холандија и Белгија се празнува како детски празник кога децата добиваат разни поклони во зависност од тоа кој колку бил послушен во текот на изминатата година. Заштитник на градот Амстердам, Руската Федерација и Грција. Во грчкиот фолклор, Свети Никола се опишува како „Господар на морето“. Православната црква го смета за еден од најголемите и најпочитуваните светци.