ДЕНЕС Е СВЕТИ СТЕФАН
На третиот ден од празникот Божик светата православна црква го празнува споменот на светиот архиѓакон и првомаченик Стефан. Тој е наречен првомаченик затоа што тој е прв што настрадал за Христосовата вера. Денеска именден празнуваат сите што се викаат Стефан, Стефанка, Стефанија, Фанија.
Овој Стефан беше евреин, соработник на апостолите. Еден е од седумте ѓакони на ерусалимската црква. Со него почнува подвигот на мачениците, па во таа смисла и е наречен првомаченик. Пострада од евреите во Синедрионот, откако во долга беседа им докажуваше дека оној Исус кого тие го убија беше навистина Помазаникот што го очекуваат, т.е. Христос. Расказот за него може да се прочита во новозаветната книга Дела апостолски. Во 415 година, неговите мошти се пронајдени на чудесен начин и сместени во Сионскиот храм во Ерусалим.