ДЕНЕС Е СВЕТСКИОТ ДЕН ЗА ЗАШТИТА НА ВОДАТА
Одбележувањето на Светскиот ден на водата во Македонија се организира по деветти пат со цел да се подигне свеста кај општата популација за значењето на водата за здравјето на луѓето. Според податоците на Обединетите нации повеќе од 3,6 милиони луѓе секоја година умираат од болести поврзани со водата во нееколошка средина. Секој ден 38 работници умираат од болести предизвикани од вода. Во Суб-Сахарна Африка жените и девојките секојдневно користат преку 25 отсто од времето за снабдување со вода. Повеќе од 1/3 од училиштата во земјите во развој немаат пристап до чиста вода за пиење и за хигиена. Смртните случаи можат да се превенираат со подобра вода и санација .Денес околу половина од работниците во светот, 1,5 милијарда луѓе работат во сектори поврзани со водата и речиси сите работи зависат од водата или се поврзани со нејзина достава. Сепак, милиони луѓе чија работа е директно поврзана со вода често не ги уживаат работничките права.
Темата за оваа година е „Водата и работните места“, а целта е да се покаже дека доволните количини вода и квалитетната вода може да го сменат животот и егзистенцијата на работниците, па дури и да трансформира општества и економии. Проценето е дека во 2014 година, околу 37 отсто од населението, или околу 770.000 луѓе, во Република Македонија живеат во 1.420 рурални населени места. Околу 27 отсто од руралното население се поврзани на градските водоводни системи, професионално менаџирани од 56 јавни комунални претпријатија. Околу 62 отсто oд руралните жители се снабдувааат со вода од мали водоводи во селските населби кои користат сопствено извориште; околу 4 отсто oд руралното население зависи од локалните водоснабдителни објекти (бунари, пумпи, селски чешми, кладенци). Заеднички проблеми кои влијаат на квалитетот на водата за пиење во малите водоснабдителни системи се недостиг на заштитни зони и огради, застаренaта и оштетена водоводна мрежа, нередовното хлорирање на водата за пиење и несоодветното пречистување на водата.