ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » ДЕНЕС Е СВ.ЦАР КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА

ДЕНЕС Е СВ.ЦАР КОНСТАНТИН И ЕЛЕНА


Додадено на 03-06-2016 во МАКЕДОНИЈА

Првиот римски император што го признал христијанството Царот Константин Велики и неговата мајка царицата Елена за нивните заслуги во признавањето и ширењето на христијанството Светата црква ги прогласила за светители и рамно апостоли.

За царот кој го призна христијанството, за царицата која и како го пронајде крстот на кој е распнат Христотс, читајте во продолжение. Константин  бил роден во Ниш на 27 февруари 274 година, како  син на висок римски старешина. По смртта на татко му во 306 година тој станал цар. Мајка му Елена  го советувала да не ги напаѓа христијаните, а за време на школувањето во царскиот двор Константин со болка во душата гледал како царските војници ги мачат и убиваат христијаните. Подоцна кога станал римски цар пред една битка Константин размислувал на кој бог да му се моли. Во тоа време на небото забележал огнен крст и натпис:„Со овој ќе победиш”. Тоа го виделе и неговите војници. Тогаш цар Константин наредил да се стават крстови на сите знамиња. Во оваа битка Константин жестоко го победил непријателот. Потоа донел  закон, познат по името Милански едикт во 313 година со кој го забранил прогонот на христијаните, им дозволил да градат храмови и во нив да се молат. Царот Константин ги повикал свештениците да го крстат и тој бил првиот цар што бил крстен.

Мајка му Елена е заслужна за пронаоѓањето на светиот крст на кој бил распнат Исус Христос. Првите три века по Христа не се знаело каде се наоѓа крстот Христов.Се претпоставувало дека е закопан во близината на неговиот гроб бидејќи според тогашните еврејски обичаи крстовите биле закопувани во близината на гробовите. Царицата Елена наредила да се копа околу гробот Христов но таму нашле три крста бидејќи во близината биле и гробовите на двајцата разбојници што биле распнати во исто време. Тогаш се појавил проблем, не можеле да дознаат кој од трите е Христовиот крст. Во тоа време минувала погребна поворка и царицата Елена наредила мртовецот да се стави на трите крстови. И се случило чудо, на еден од нив мртовецот оживел. Тоа било знак дека тој е бараниот крст врз кој бил распнат Исус Христос. Кога за тоа разбрале жителите на Ерусалим потрчале да го видат крстот. Но од големата турканица што се создала не можеле да го видат, поради што  владиката ерусалимски Макарие, неколку пати го кревал и спуштал крстот вртејќи се на сите четири страни. Во тоа време народот се крстел и пеел „Господи помилуј“. Потоа царицата изградила голема црква на местото каде што бил распнат Исус и каде што подоцна во 326 година го пронашле крстот на кој бил распнат.

Константин умрел во градот Никодимија на 22 мај 337 година по 32 години царување. Според личната желба неговото тело било погребано  во црквата на Свети Апостоли во Цариград. Царицата Елена умрела на 18 август 327 година . Според некои сведоштва умрела во Палестина, а по две години моштите биле пренесени во Цариград и погребани во црквата на Светите Апостоли.