ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ДЕНЕСКА Е СВЕТСКИОТ ДЕН НА РАСКАЖУВАЊЕТО

ДЕНЕСКА Е СВЕТСКИОТ ДЕН НА РАСКАЖУВАЊЕТО


Додадено на 20-03-2015 во НЕГОТИНО

Со раскажување на приказни, денеска двата клона на детската градинка „ Фемо Кулаков “  во Неготино ќе го одбележат Светскиот ден на раскажување приказна. Овогодинешната тема на раскажување е „ Нашите желби - имаме големи соништа за иднината и сакаме да ги споделиме со сите “ !

„ Ова е одлична можност за сите воспитувачи, наставници, родители, баби и дедовци да се сетат на дел од усните преданија од нашиот богат фолклор и култура, и да ги раскажуваат заедно со своите деца. Темата за оваа година нека ве води, но нека не ве ограничува! Со ова ќе станеме дел од глобалната прослава на Светскиот ден на раскажувањето приказни и ќе придонесеме за одржување на нашата богата традиција на народни приказни и нивно пренесување на помладите генерации “-информираат од детската градинка.

Пред многу години во 1991 година во една далечна земја (Шведска), на 20-ти март, денот на рамноденицата и денот кога настапува пролетта, за прв пат е одбележан денот на слушањето и раскажувањето приказни. Секоја наредна година, сè повеќе и повеќе земји од Европа и од целиот свет се приклучуваат во прославувањето на овој ден.  
Целта на Светскиот ден на раскажувањето приказни е да се прослави усното раскажување на приказни и преданија. За таа цел, на 20 март, насекаде во светот луѓето слушаат и раскажуваат приказни од современиот живот, но и од фолклорот, локалната култура и традиција.  
Секоја година, Светскиот ден на раскажувањето приказни е на различна тема. Минатата, 2014 година, се раскажуваше приказни за чудовишта и змејови, а темата за 2015 година е: „Нашите желби“ – имаме големи соништа за иднината и сакаме да ги споделиме со сите“!