ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » ДЕНЕСКА Е СВ.ПЕТКА

ДЕНЕСКА Е СВ.ПЕТКА


Додадено на 10-11-2014 во МАКЕДОНИЈА

Родена е во градот Иконија од родители богати и христољубиви. По смртта на своите родители како девојка почна да им го раздава својот имот на бедните и на неволните, во името на Господ Исус Христос. Кога настана гонењето во времето на царот Диоклецијан, Параскева беше изведена на суд пред кнезот на таа земја. Штом кнезот ја праша за името, таа рече дека името ѝ е христијанка. Кнезот ја укори зошто не си го кажува своето обично име. А Параскева му рече: „Требаше прво да ти го кажам името на вечниот живот, а потоа на привремениот“. Откако ја биеја кнезот ја фрли во затвор, каде што ѝ се јави ангел Господов, ја исцели од раните и ја утеши. Со молитва ги урна сите идоли во незнабожечкиот храм. После долги и лути маки ја убија со меч. Православната црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка. Првата света Петка е преподобната маченица Параскева Римјанка. Се празнува на 26 јули (по ново 8ми август) и меѓу народот е позната како летна Света Петка. Во нејзиното житие се вели дека нејзините родители биле Римјани и дека и дека таа како единствена ќерка им се родила по долги и искрени молитви кон Бога. Рано се замонашила, а подоцна како и многумина други настрадала за верата Христова за време на царувањето на Антонин. На нејзиното мачење присуствувал и самиот император, но кога била фрлена во котел со врело масло и катран таа останала неповредена, а од течноста му прснало во очите на императорот по што ослепел. Параскева се помолила на Бога и тој оздравел. Откако гледајќи ги нејзините страдања но и чудата што се случувале со нејзино посредство многумина ја примиле христијанската вера. Поради тоа била исечена со меч, а подоцна моштите и биле пренесени во Цариград. Втората е светата маченица Параскева од Иконија, Мала Азија, која се слави на 10 Ноември. Таа била единствено дете на своите родители. Кога починале нејзините родители таа нивниот имот го искористила за помагање на сиромашните, болните, странците и сл. Таа загинала за време на Диоклецијан, при големите прогони на христијаните била фатена во 303 година, и била предадена на суд. Судијата изненаден од нејзината убавина и понудил да стане негова невеста, таа го одбила тоа сакајќи да остане верна на Бога. Поради тоа била мачена, била ставена во оган но останала неповредена Гледајќи го тоа судијата наредил да и ја пресечат главата. Нејзините останки христијаните ги погребале во нејзиниот дом, а над гробот подоцна се случувале разни чуда пред се оздравување на болни од секакви болести.  Најпозната е Параскева-Петка позната како св. Петка Епиватска или Трновска. Нејзиното житие вели дека е родена во Епиват во Тракија меѓу Силиврија и Цариград, на брегот на Средоземното Море, кон крајот на Х век. Родителите и биле побожни, а имала и брат по име Ефтимие кој подоцна станал епископ Мадитски. И Параскева уште од млади години покажувала интерес за монаштвото. Кога и умреле родителите Параскева заминала во Јорданската пустина каде што долго живеела во молитви, пост и плач.Кога остарела ангелот божји и соопштил дека треба да се врати во родното место зашто е дојден часот кога треба душата да му ја предаде на Бога. Параскева набргу се вратила во родното место и никому не кажувала која е. Набргу умрела, а жителите на нејзиното родно место ја погребале, не на селските гробишта туку одделно како странец. Била погребана близу до морскиот брег, а подоцна телото на преподобна Параскева било повеќепати пренесувано од едно место на друго, најпрво во Трново поради што таа се вика Трновска, потоа биле пренесени во Влашко, па во Србија во Белград. Но кога Белград го освоиле Турците во 1521 година светите мошти биле однесени во Цариград каде што се прославиле не само меѓу христијаните туку и меѓу муслиманите. И тука во патријаршиската црква каде што биле погребани не останале за секогаш. Во 1641 година молдавскиот војвода Василија Лупул го измолил цариградскиот патријарх Партениј да му ги даде моштите на света Петка и ги пренесол во црквата „Три светци” во светиот град Јаш каде што и денес почиваат. Во спомен на маченицата и чудотворка Преподобната Параскева Петка Трновска, светата православна црква го востановила празникот што се празнува секоја година на 27 октомври и што во народот е познат како Петковден и се смета за почеток на зимските празници како што се Митровден, св. Ѓорѓија, Аранѓел, св. Никола и др.