ДЕРБИТО ВАРДАР-ТИКВЕШ ЌЕ ИМА ХУМАНИТАРЕН КАРАКТЕР
На иницијатива на градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, Управата и фудбалерите на ФК „Вардар“ донесена е одлука целокупниот приход од продадените влезници за „вечното дерби“ помеѓу Вардар од Неготино и Тиквеш од Кавадарци да биде наменет во хуманитарни цели и тоа за лекување на Илија Таневски. Имајќи предвид дека постои огромен интерес кај љубителите на фудбалот од двете општини и пошироко за проследување на овој натпревар и се очекува Градскиот стадион во Неготино да биде исполнет до последното место, а со цел да се соберат што е можно повеќе финансии, цената на влезницата за овој натпревар ќе изнесува 100 денари-средства кои до последниот денар ќе бидат префрлени на отворената жиро-сметка за донации за помош при лекувањето на Таневски. Тоа значи дека секој посетител на мечот покрај можноста да ужива во убавината на фудбалската игра што се очекува да ја прикажат фудбалерите на двете екипи, со купување на влезен билет ќе ја покажат и својата хуманост и солидарност. Затоа, во недела од 15,30 часот сите масовно да појдеме на Градскиот стадион во Неготино, да го бодриме Вардар во намерата за остварување на уште една победа и освојување три бодови кои уште повеќе ќе го зацврстат на првото место на табелата.