ПОЧЕТНА » СПОРТ » ДЕСЕТ РАКОМЕТАРИ НА ВАРДАР НА СП ВО КАТАР

ДЕСЕТ РАКОМЕТАРИ НА ВАРДАР НА СП ВО КАТАР


Додадено на 15-01-2015 во СПОРТ

Денеска започнува 24-то Светско првенство во ракомет, а домаќин ќе биде главниот град на Катар, Доха. Бранител на титулата е селекцијата на Шпанија, која беше и домаќин на последниот Мундијал, кој се одржа во 2013 година. Дваесет и четири репрезентации ќе бидат поделени во четири групи по шест национални тимови, за кои ќе настапат и десет ракометари од најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар.

Петмина Вардарци ќе играат за репрезентацијата на Македонија: голманот Петар Ангелов, пикерот Стојанче Стоилов, средниот бек Немања Прибак, левиот бек Филип Лазаров, како и левото крило Владо Недановски, кој настапува за Вардар јуниор. Левото крило Тимур Дибиров, десното крило Данил Шишкарев и пикерот Михаил Чипурин се тројцата ракометари на Вардар кои ќе го носат дресот на Русија. За репрезентацијата на Хрватска ќе игра Игор Карачиќ, додека Алекс Душебаев ќе настапи за Шпанија.

Репрезентацијата на Македонија се наоѓа во групата Б, заедно со селекциите на Хрватска, Тунис, БИХ, Австрија и Иран.

Во групата А се наоѓаат: Шпанија, Словенија, Катар, Белорусија, Бразил и Чиле. Во групата Ц се европскиот и олимписки шампион Франција, Шведска, Алжир, Чешка, Египет и Исланд. Во групата Д ќе играат: Данска, Полска, Русија, Аргентина, Саудиска Арабија и Германија. Репрезентативците на Македонија денеска го имаат последниот тренинг во пресрет на утрешниот натпревар против селекцијата на Тунис, кој се игра од 15.00 часот.