ДЕЦАТА НАЈРАНЛИВА КАТЕГОРИЈА НА ТРГОВИЈА СО ЛУЃЕ
Идентификацијата на жртвите и на потенцијалните жртви на трговијата со луѓе е главниот проблем со кој се соочува светот, вклучувајќи ја и Македонија. Ова беше констатирано на денешната Национална конференција за проактивна и координирана борба против трговија со луѓе со фокус на трудовата експлоатација. Како што нагласува министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, според актуелните трендови на трговијата со луѓе, како најгруба форма на кршење на човековите права и дигнитет, женската популација и децата се најзагрозена група. МВР континуирано презема мерки и се справува со кривичните дела од областа на трговијата со луѓе и илегалната миграција. Најзастапен вид во областа на трговијата со луѓе продолжува да биде сексуалната експлоатација, присилните бракови и трудовата експлоатација. Од стана на институциите се идентификувани осум жртви на трговија со луѓе, од кои пет се во скопскиот, една во пелагонискиот регион, а две малолетни државјанки се експлоатирани во Словенија и во Италија. Од нив, шест се малолетни и две полнолетни лица, седум од нив се жени, а едно лице е од машки пол. Во моментот, во Центарот за жртви на трговија со луѓе сместени се шест лица, кои имаат добиено првична помош и заштита.