Добра вест за кошаркарската репрезентација Мекејлеб сигурно игра на ЕП
Американецот со македонски пасош, Лестер Бо Мекејлеб, кој беше еден од најзаслужните за пласманот на четвртото место на кошаркарската репрезентација на Македонија на минатото Европско првенство (ЕП) во Литванија, дефинитивно ќе биде во составот предводен од Алеш Пипан на претстојниот континентален собир во Словенија, а на подготовките ќе се приклучи со мало задоцнување и тоа на 1 август директно на словенечка Крањска гора.
Тоа значи дека популарниот Борче Мекејлебовски нема да биде во составот на првите две пријателски средби против Украина и Словенија, кои македонската селекција ќе ги одигра следниот викенд во словенечка Литија. Но, пред плејмејкерот на турски Фенербахче ќе бидат повеќе од 30 дена на располагање за добро да се подготви за напорите што го очекуваат на претстојното ЕП на кое ќе треба да биде еден од лидерите во пресметките со силните Србија, БиХ, Црна Гора, Литванија и Летонија.
Најавата за сигурно доаѓање на Мекејлеб значи и делумен крај на стравувањата дека жолто-црвената чета нема да биде комплетна на турнирот на најдобрите европски кошаркарски селекции. Во моментов, Пипан, а и целокупната македонска спортска јавност имаа само две мали дилеми и тоа поврзани со Перо Антиќ и со Тодор Гечевски.
Доскорашниот член на грчки Олимпијакос неодамна изјави дека има проблеми со стапалата и дека е неизвесно дали воопшто ќе игра на ЕП. Но, со оглед на тоа што Антиќ се реши да тргне на патот долг неколку илјади километри кон Кина на турнирот што за македонските кошаркари имаше предзнак туристички и тоа без намера да игра тогаш би можело да се заклучи дека неговите стапала би можеле да ги понесат потребниот товар и на претстојните подготовки, а потоа и на шампионатот во Словенија.
Со популарниот Тоше работата е речиси завршена со оглед на тоа што тој неколкупати во изминативе 365 дена изјави дека заминува во репрезентативна пензија. Но, челниците на македонската кошарка се уште имаат надеж дека високиот центар би можел да се премисли и уште еднаш, овој пат дефинитивно за последен пат, би можел да им помогне на помладите соиграчи во обидот да се покаже дека Македонија не случајно била четврта селекција во Европа.
И тоа без разлика што тогаш на клупата седеше Марин Докузовски, а сега на неа е Словенецот Пипан.