ЕДУКАТИВНА ПРИКАЗНА И УТРЕ ВО ЛБ СТРАШО ПИНЏУР НЕГОТИНО
Локалната библиотека „ Страшо Пинџур “ Неготино продолжува со реализацијата на активностите, односно едукатинвните приказни за најмладите во рамки на акцијата „ Сакај ја твојата библиотека “.
„ И оваа сабота 25 јуни од 11,00 до 12,30 часот Локалната библиотека „ Страшо Пинџур “ Неготино ќе биде отворена за најмладите од општината. И овој пат ќе имаат можност да се дружат, забавуваат, да слушнат приказни и да цртаат. Во оваа саботна дружба неготинската локална библиотека ќе ги запознаае најмладите за „ Тајниот свет на инсектите “- вели директорката на библиотеката Катерина Данаилова. Дечињата ќе имаат можност да слушнат приказни за инсектите, а ќе биде организирана и креативна работилница на која ќе можат да покажат се она што научиле од приказната.
Досегашните спроведени активности во рамки на акцијата „ Сакај ја твојата библиотека “ се покажаа како доста успешни па токму тој е и поводот што и оваа сабота најмладите на возраст од 3- 7 години ќе имаат можност да се дружат, забавуваат и да научат многу нови работи. Досега неготинската библиотека ги спроведе едукативните работилници за Насмеаната пролет, егзотичните птици,егзотичните риби, патувањата во светот на дивите животни, Здравата храна како и многу други.Од локалната библиотека „ Страшо Пинџур “ Неготино ги покануваат сите заинтересирани и оваа сабота да бидат дел од едукативните приказни и креативни работилници на библиотеката и се надеваат дека успешно ќе бидат истите реализирани.
Инаку, ЛБ „ Страшо Пинџур “ изминатиот период под мотото „ Читај, Сонувај,Прашувај, Посакај и Уживај “ го објави наградниот конкурс за најчитатели „ Лето 2016 “.