ПОЧЕТНА » МУЗИКА » ЕК повторно побара почеток на преговорите

ЕК повторно побара почеток на преговорите


Додадено на 22-10-2012 во МУЗИКА

По четврти пат Европската Комисија препорача отворање преговори за членство на Македонија во ЕУ. Македонија не може вечно да чека пред вратите на ЕУ. Вака еврокомесарот Филе го најави Извештајот за прогресот на нашата држава оваа година.

 

Филе истакна дека Комисијата верува дека придвижувањето во следната фаза од евроинтеграциите ќе помогне за мирот и одржливоста на реформите.

-Европската комисија е подготвена да презентира без одложување план за преговарачка рамка, која исто така ја зема в предвид потребата за решавање на прашањето за името во раните фази на преговорите за пристапување, стои во најновиот извештај за Македонија.

Филе додаде дека мора да осигураат дека европската перспектива на земјата е реална. Тој рече и дека отворањето на преговорите од страна на Европскиот совет ќе помогне за создавање услови за решавање на спорот за името.

Комисијата ги охрабрува страните да го направат секој можен напор во насока на решавање на постоечките спорови во линија на воспоставените практики и средства, вклучувајќи и обраќање за прашањата до Меѓународниот суд на правдата или другите псотоечки и ад хок тела за решавање спорови“. Комисијата потоа изразува „подготвеност за создавање на неопходен политички импулс во потрагата по решение“ на споровите. Во однос на грчко-македонскиот спор за името, Комисијата подвлекува дека заемно прифатливото решение за името, најдено со преговори со посредништво на ОН, останува суштинско.

„Решението треба да биде најдено без дополнително одложување“, забележува Комисијата.

Комисијата смета и дека со отворањето на преговорите „ќе се засилат меѓуетничките односи“, а „регионот како целина ќе има корист од тоа“. Европската комисија ја повтори препораката за почеток на преговорите затоа што „земјата продолжува задоволително да ги исполнува политичките критериуми“. Од оваа институција сметаат дека придвижувањето во процесот на пристапување на земјата во следната фаза ќе го спречи одвраќањето од реформскиот процес, но и „ќе ја зајакне кредибилноста на ЕУ и тоа ќе биде акт за охрабрување на реформските напори каде било во регионот“.

Позитивен развој во Македонија е забележан, меѓу другото и затоа што „Пристапниот дијалог на високо ниво доведе до заострен фокус на реформите од страна на властите“.

Европската комисија забележува дека македонската влада прави напредок во амбициозната реформска програма, како и дека си има поставено временска рамка за нејзино исполнување. Сепак, Комисијата ја нагласува потребата од осигурување на имплементацијата на реформите. Во однос на економијата се забележува дека е „потребен дополнителен напредок во насока да се добие функционална пазарна економија“.