ЕТНО ИЗЛОЖБА ВЕЛИГДЕН 2016
И годинава Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино со поддршка на Министерството за култура на РМ ја организираше традиционалната етно манифестација „ Велигден 2016 “. Целиот настан се случуваше во фоајето на Центарот за култура на кој свое обраќање имаше директорката Мирјана Јованова која истакна дека е задоволна што оваа манифестација полека полека прераснува во традиција и секоја година масовно се одбележува.
„ И оваа година Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино го одбележува Велигден, организирајќи ја оваа изложба која за разлика од минатогодишните се изложени рачни изработки на стари и везени работи, а беа изложени и велигденските јајца кои учениците ги изработија на креативната работилница која ја организиравме изминатата недела “ - вели директорката на неготинскиот центар за култура Мирјана Јованова.
За значењето и обичаите на овој голем христијански празник, Велигден говореше свештено лице од соборниот храм Свети Атанасиј, отец Сараф Иванов.
По завршувањето на официјалниот дел, најмладите играорци од КУД „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино пред присурните се претставија со неколку ора, а подоцна им беа поделени и велигденски јајца со кои меѓусебно се кршеа. Беше поделен и Велигденскиот колач за здравје, а манифестацијата заврши со неколку ора на фолклористите во дворот на Центарот за култура.