ЗАВРШИ ОТВОРЕНОТО ГРАДСКО ПРВЕНСТВО ВО ШАХ НЕГОТИНО 2016
И годинава традиционално по петти пат општина Неготино заедно во соработка со Градскиот шаховски клуб „ Неготино “ го организираше „ Отвореното градско првенство во шах- Неготино 2016 “. Целиот настан се случуваше од 20 до 23 мај во просториите на Туристичко-информативниот центар “ Желкова куќа” Неготино. На овој турнир учество земаа 22 учесници кои одиграа вкупно 7 кола по Швајцарски систем и тоа учесниците играа секој ден по две кола со времетраење на мечот од 25 минути плус 10 секунди за секој потег.
Настанот за отворен го прогласи градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов, а истиот ги додели и дипломите и наградите на најдобрите на првенството. Победник на овогодинешното првенство во шах е младиот шахист Тони Лазов од Неготино кој од седум одиграни партии освои 6,5 поени и ја освои првата награда во вредност од 5000 денари. Второто место му припадна на Илија Ѓорѓиев, а третопласиран е Санде Атанасов.
Награди добија и најдобропласираниот млад учесник до 18 години и најдобропласираниот ветеран ( над 60 години) кои земаа учество на овој турнир. Вкупниот награден фонд и оваа година го обезбеди општина Неготино и изнесуваше 17.000 денари. Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов истакна дека со ваквите турнири кои ги организира општина Неготино но и успесите што ги постигнуваат младите неготински шахисти, Неготино полека станува и шаховски град.