ЗАПОЧНА ПРИЈАВУВАЊЕТО ЗА ФАЌАЊЕ НА СВЕТИОТ КРСТ ВО НЕГОТИНО ЗА ПРАЗНИКОТ БОГОЈАВЛЕНИЕ ВОДИЦИ
И оваа година како и минатите, по повод празникот Водици или Богојавление на 19 јануари, вторник, во Неготино ќе се изврши ритуалот на фрлање и фаќање на светиот крст во водите на реката Вардар. Како и секоја, така и оваа година централниот настан ќе се одвива на Пепелишкиот мост, со почеток од 12 часот, а пред почетокот во манастирот Свети Ѓорѓи ќе се одржи литургија. Одговорните во неготинската црква Свети Атанасиј, ги информираат сите лица кои се заинтересирани да влезат во ладните води на Вардар и да се впуштат во трката по светиот крст можат да се пријавуваат на 17 јануари, недела во црквата во Неготино. И оваа година вообичаено, неизоставно ќе биде и присуството на медицинска екипа од Здравствениот дом која ќе ја проверува здравствената состојба на потенцијалните учесници во фаќањето на крстот. Според неофицијални информации, и оваа година постои интерес кај поединци или групи да се впуштат во фаќањето на крстот. Традиционално најбрзиот и најсреќниот учесник кој прв ќе стигне до него, ќе добие пригодни награди од црквата Свети Атанасиј и општината.