ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИСКИОТ БОД ЗА МАТИЧНИТЕ ЛЕКАРИ
Од 1 јули 2016 година за пет денари ќе се зголеми капитацискиот бод на матичните лекари, односно од 50 на 55 денари. Со ова зголемување ќе бидат опфатени 1.085 приватни здравствени установи со вкупно 1.527 тимови. Ова денеска го истакна министерот за здравство Никола Тодоров на заедничка прес-конференција со директорите на Фондот за здравствено осигурување на Македонија, Сашо Стефаноски и Орхан Рамадани. Тодоров потсети на вчерашното објавување на мерката со која од 1 јануари ќе се зголеми капитацијата за стоматолозите за пет денари односно од 35 на 40 денари.
- Последното зголемување на капитацијата во делот на матичните лекари беше во 2011 година. Вкупно со вчерашното и денешното зголемување на капитацијата на стоматолозите и матичните лекари се опфатени над 2.800 лекари, посочи Тодоров.
Нагласи дека откако е формирана мрежата на здравствени установи, доделени се вкупно 245 нови лиценци за општа медицина и дополнителни 344 места во мрежата се слободни.