ИЗВИДНИЦИ ГО ЧИСТЕА ВАРДАР ОД НЕГОТИНО ДО С.МИРАВЦИ
Изминатиот викенд извидниците на Првиот скопски извиднички одред на релација од Неготино до село Миравци направиле рафтинг со чистење на отпадот од реката Вардар. Целта на рафтингот како што велат била да го исчистат ѓубрето од реката оставено од несовесни граѓани, а акцијата била во рамки на нивната мисија за зачувување на животната средина.
"Рафтингот траеше седум часа. Навистина, природата по течението на Вардар, особено Демиркаписката Клисура, е непроценливо прекрасна, но за жал е преполна со секаков вид отпад, пластични кутии, пластични кеси, електронски отпад, градежен шут, пластични шишиња. Акцијата траеше 7 часа и успеавме да собереме четири вреќи отпад, но остана уште многу ѓубре во реката", велат од Првиот Скопски Извиднички Одред.
Рафтингот бил поддржан од европската фондација " Пријатели на извидници од светот". Со акцијата, како што велат извидниците, сакаат да упатат порака до сите граѓани на државата да не ја загадуваат реката и да водат сметка за животната средина.
Инаку, Првиот Скопски Извиднички Одред (ПСИО) е најстариот извиднички одред во Република Македонија. Формиран бил далечната 1952 година, а подоцна во 1953 година се регистрира во Сојуз на Извидници на Македонија (СИМ). По осамостојувањето на Република Македонија одредот го вратил примарното име во Прв Скопски Извиднички Одред. Во ова извидничко друштво, членуваат преку 60 активни извидници кои се категоризирани во повеќе возрасни групи. Мисијата на извидници е да придонесат во образованието на младите, преку систем на вредности, да помогнат да се изгради еден подобар свет , каде што луѓето се самоисполнети како индивидуи и имаат конструктивна улога во општеството.