ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ИЗЛОЖБА НА ГОРАН ЈОВАНОВ ОД ГЕВГЕЛИЈА

ИЗЛОЖБА НА ГОРАН ЈОВАНОВ ОД ГЕВГЕЛИЈА


Додадено на 30-03-2015 во НЕГОТИНО

 

Во петокот, во фоајето на Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ во Неготино беше отворена самостојната изложба на графики, цртежи и слики на ликовниот уметник Горан Јованов од Гевгелија. Љубителите на ликовната уметност од Неготино имаа убава можност да погледнат дел од големото творештвото на Јованов. Во неговите ликовни дела централно место заземаат интимните, изолирани, меланхолични уметнички светови наталожени со товарот на спомените од минатото. Авторот Горан Јованов потенцира дека цртежот е темел на неговото творештво. Тој сугерира на просторот, минатото, играта и светлото притоа ставајќи акцент на апстракната асоцијативна изразност и експресија на духовното. Оваа ликовна изложба беше организирана од страна на Центарот за култура „ Ацо Ѓорчев “ од Неготино, подржана од Министерството за култура а истата за отворена ја прогласи директорката на неготинскиот Центар за култура, Мирјана Јованова.

           Инаку овој ликовен уметник од Гевгелија дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, отсек графика со насока реставрација  и конзервација и дизајн во класата на професорот Димитар Малиданов. Зад себе има седум самостојни изложби и еден ликовен перформанс со поетесата Елена Пренџова „Зад виножитото“ во 2012, а неговите дела биле претставени и на  групни изложби во Берлин, Лоџ, Белград, Нови Сад, Охрид, Битола.