Интензивно се одвива изградбата на новиот резервоар за вода во Тимјаник
Паралелно се реализацијата на проектот за замена на водоводната мрежа на 10 улици во Неготино, со средства кои локалната самоуправа ги обезбеди преку Светска банка во висина од 38.000.000 денари, интензивно се одвиваат работите за изградба на нов резервоар за вода со зафатнина од 500 метри кубни во Тимјаник лоциран веднаш до постоечкиот за висока зона. Според зборовите на стручните лица, резервоарот претставува целина од две независни водни комори од по 250 метри кубни поврзани меѓу себе со сува комора во која е сместена целокупната хидромеханичка опрема за опслужување и електро опрема потребна за непрекината и функционална работа на коморите.
Дистрибуцијата на водата од резервоарот во мрежата се овозможува преку одводен цевковод, а целиот комплекс околу резевроарот ќе биде ограден со столбови од челични профили. Според градоначалникот Апостолов, водата од новиот резервоар ќе биде наменета за висока зона Неготино со што ќе дојде до растеретување на водоснабдувањето и во пониските делови од градот, а водата од постоечкиот резервоар од 150 метри кубни ќе биде наменета исклучиво за жителите на Тимјаник. Со изградбата на новиот резервоар од 500 метри кубни ќе се обезбедат дополнителни количини вода за пиење за жителите на Неготино, со што пак ќе се допринесе за долгорочно решавање на деценискиот проблем со недостигот од вода за пиење кој е посебно изразен во летните месеци.