ПОЧЕТНА » КАВАДАРЦИ » ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА РАСЧИСТУВАЊЕ НА КАНАЛСКАТА МРЕЖА ОД ХИДРОМЕЛИОРАТИВНИОТ СИСТЕМ ТИКВЕШ ЗА ПРЕСТОЈНАТА ПОЛИВНА СЕЗОНА

ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА РАСЧИСТУВАЊЕ НА КАНАЛСКАТА МРЕЖА ОД ХИДРОМЕЛИОРАТИВНИОТ СИСТЕМ ТИКВЕШ ЗА ПРЕСТОЈНАТА ПОЛИВНА СЕЗОНА


Додадено на 15-03-2016 во КАВАДАРЦИ

Во Акционерското друштво Водостопанство на Република Македонија –Подружница „Тиквеш“ Кавадарци  интензивно се работи на  прочистување на отворената каналска мрежа во должина од 180 километри,  подготовка и реконструкција на пумпните станици за да се подобри дистрибуцијата на вода за наводнување  во престојната поливна сезона која  стартува  од 15 април. 

Ова значи дека се санираат дефекти,  се извршуваат бетонски работи, се санираат фуги по целата должина на каналската мрежа и на  секундарните и делничните  каналски мрежи. Проблемите кои минатата поливна сезона го имаа земјоделците  од селото Сопот целосно е надминат со комплетна реконструкција  и замена на стариот цевковод со нов. Одлучено е да се изврши лепење на цевководната линија  со профил ФИ 450  во должина од 800 метри. Се работи на земјините работи и расчистување на пристапните патишта до  земјоделските парцели.  Според зборовите на директорот на Подружницата „Тиквеш“  Љубе Димов тие се залагаат   непречено да се дистрибуира вода до крајот на десниот магистрален канал до селото Тремник и Прждево со бетонирање на каскадите со што ќе се овозможи наводнување на плус 300 хектари. Што се однесува до левиот магистрален канал до крајот на селата Виничани и Ногаевци направена е целосна реконструкција на каналската мрежа во должина од 1.5 километар и таму нема проблеми во дистрибуцијата на квалитетна вода за наводнување  до крајниот корисник. Имено максималниот капацитет  за наводнување на Хидромелиоративниот систем „Тиквеш“  изнесува 12 000 хектари,  а  успешно се наводнуваат од 8,5 до 9000 хектари на територијата на општините Кавадарци, Неготино, Росоман, Градско и Демир Капија.  Ако се има предвид дека на ниво на целата држава се наводнуваат вкупно 22 000 хектари  Хидромелиоративниот систем „Тиквеш“ покрива од 40 до 45% од вкупните наводнувани површини.  Според програмата за работа за периодот од  2016 до 2019 година со реализирање на изготвените проекти ќе се овозможи наводнување на 12 000 хектари вели Димов што ќе претставува повеќе од половината  земјоделски површини кои се наводнуваат во државата.