ПОЧЕТНА » НЕГОТИНО » ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ВО НЕГОТИНО

ИНТЕНЗИВНО СЕ РАБОТИ НА РЕКОНСТРУКЦИЈАТА НА ВОДОВОДНАТА МРЕЖА ВО НЕГОТИНО


Додадено на 24-02-2016 во НЕГОТИНО

Започнаа и со интензивна динамика се одвиваат градежните работи за замена на старата и дотраена водоводна мрежа на улица „Ленинова“ во должина од над 500 метри – активност која се одвива во рамките на проектот што локалната самоуправа Неготино го спроведува за замена на старата и дотраена водоводна мрежа на улици во Неготино, а е финансирана со средства од 38 милиони денари обезбедени од Светска банка.

Градоначалникот на општина Неготино Ванчо Апостолов истакна дека е повеќе од задоволен од досегашната динамика на изведување на работите изразувајќи убедување дека доколку временските услови го дозволат тоа, може лесно да се случи реконструкцијата на водоснабдителниот систем на предвидените улици да заврши и пред предвидениот рок за тоа од 9 месеци.

Инаку, во изминатиот период работи за замена на старата водоводна мрежа која беше и главниот предизвикувач на огромни загуби на вода за пиење се реализираа на уште 4 улици во Неготино и тоа „Енгелсова“, „Ило Виларов“, „Душан Јуруков“ и „Никола Петров“. Од локалната самоуправа апелираат до граѓаните кои живеат или се движат по улиците на кои се изведуваат работи да покажат разбирање за отежнатото движење во одреден временски период, со напомена дека по завршувањето на замената на водоводната мрежа, сите улици ќе се вратат во првобитната состојба.