КЛРВ: Македонија постигнала напредок во локалната демократија
Македонија постигнала напредок во локалната демократија, забележува Конгресот на локалните и регионалните власти на Европа (КЛРВ).
Во извештајот е забележано дека „Република Македонија постигнала значаен напредок, кој води кон локална демократија и децентрализација со подобар квалитет, како и кон добро функционирање и соработка меѓу општините и централната власт“.
Конгресот на локалните и регионалните власти на Европа (КЛРВ) е советодавен орган на Советот на Европа, во конгресот се претставени локалните и регионалните власти на 47 земји членки на СЕ. Локалните власти на Република Македонија се претставени од претседателот на Советот на град Скопје Ирена Мишева, како и членот на делегацијата Гордана Клинчаровска воедно Генерален секретар на градот Скопје кои ја сочинуваат делегација на ЗЕЛС.
Во извештајот се посочени и слабостите во локалната демократија, односно тоа што може да биде подобрено во Македонија, како што е финансиската прераспределба на даноците од централно на локално ниво, но и големите разлики меѓу урбаните и руралните општини, што се одразува на нивниот развој.
Денес Конгресот ќе треба да усвои серија на препораки до македонските власти за надминување на констатираните предизвици. Се препорачува и пренесување на сопственоста на државното земјиште на локалните власти со цел да се зголемат напорите за локална автономија и развој.
Од Стразбур се бара од властите на Република Македонија да го потпишат и ратификуваат Дополнителниот протокол на Европската повелба за локлана автономија, кој се однесува на правата за учество во работата на локалните заедници, исто како и Конвенцијата за учество на странците во јавниот живот на локално ниво.