ПОЧЕТНА » МАКЕДОНИЈА » Легализација на трактори

Легализација на трактори


Додадено на 01-12-2012 во МАКЕДОНИЈА

Согласно одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за возила сите физички или правни лица во Република Македонија кои имаат во сопственост или користат трактори и тракторските приколки доколу истите не се регистрирани, ќе можат во рок од една година, односно до 10.10.2013 година да поднесат барање за регистрација до Министерството за внатрешни работи. Регистрацијата на тракторите и тракторските приколки може да се изврши во две постапки.

Во првата постапка, сопствениците на тракторите и тракторските приколки треба да приложат само доказ за сопственост, односно фактура, договор за купопродажба или наследно решение.

И во втората постапка, сопствениците на тракторите и тракторските приколки треба да приложат Решение за утврдување на сопственичкиот статус на трактор и/или тракторска приколка добиено во вонпарнична судска постапка за утврдување на сопственичкиот статус.

Постапката за утврдување на сопственички статус на трактори и тракторски приколки (легализација), отпочнува со поднесување на предлог за легализација на трактор и/или тракторска приколка до месно и стварно надлежен суд, според местото каде што се наоѓа живеалиштето на подносителот на предлогот за легализација, кој се поднесува во рок од шест месеци, односно до 10.04.2013 година.

Предлогот за легализација треба да ги содржи следниве податоци: идентификациски податоци - марка, тип, број на шасија и мотор  и  година на производство  на тракторот и/или тракторската приколка, како и причините поради кои се поднесува предлогот (подносителот на барањето кон предлогот за легализација може да приложи претходно обезбедена согласност за регистрација во која се наведени сите потребни податоци што предлогот треба да ги содржи).

Кон предлогот за легализација се приложува и претходно дадена изјава заверена на нотар од подносителот на барањето, во која подносителот под целосна материјална и кривична одговорност ќе изјави дека совесно го владеел тракторот или тракторската приколка и дека за истите не се води друга постапка пред надлежен суд.

Кон предлогот за легализација подносителот треба да ги приложи и сите други расположливи докази кои ги поседува за тракторот и/или тракторската приколка.

Предлог за легализација се поднесува во рок од шест месеци, односно до 10.04.2013 година.

 

По поднесениот предлог за легализација судот во рок од три дена го известува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со барање преку огласните табли на своите подрачни единици да ги информира заинтересираните лица за поднесениот предлог.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во рок од три дена од доставувањето на известувањето од судот, известувањето го доставува до подрачните единици на Министерство кои во рок од 24 часа го објавуваат на огласна табла во своите простории со цел запознавање на јавноста и заинтересираните лица со поднесениот предлог.

Објавувањето на известувањето од судот трае 30 дена од денот на поставување на огласната табла.

Доколу во рокот од 30 дена, заинтересирано лице писмено до судот не се обрати со докажување на својот правен интерес, судот во рок од 15 дена ќе донесе решение за легализација – утврдување на сопственички статус на тракторот или тракторскатa приколка.

Доколку во рокот од 30 дена се јави заинтересирано лице кое ќе го докаже својот правен интерес, судот со решение ќе ги упати учесниците во определен рок, не подолг од 15 дена од денот на донесувањето на решението да поведат парнична постапка. Ако заинтересираното лице во рокот од 15 дена не поведе парнична постапка, тогаш постапката за легализација ќе продолжи.

Против решението дозволена е жалба во рок од 15 дена од денот на доставувањето на решението. Ако во рокот од 15 дена не биде поднесена жалба, решението станува правосилно.

Во постапката за регистрација покрај доказот за сопственост или решение за утврдување на сопственички статус, сопствениците на тракторите и тракторските приколки треба да приложат и согласност за регистрација.  Согласноста за регистрација ја издава овластена техничка служба или правно лице за технички преглед овластено за вршење на идентификација и идентификација и оцена на техничката состојба на возилата (списокот на истите ќе биде објавен на web страната на Министерството за економија).

За тракторите и тракторските приколки, постапката за идентификација и оцена на техничката состојба на возилата започнува со поднесување на барање за добивање на Согласност за регистарација.

Доколку по истекот на наведениот рок, Министерството за внатрешни работи, при вршењето на контрола на сообраќајот на патиштата, затекне трактор или тракторска приколка која не е регистрирана, ќе изрекува глоба во износ од 500 до 2000 евра во денарска противвредност.