Лекарите веднаш да се вратат на работа!
Со ваков апел денеска министерот за здравство им се обрати на лекарите, кои две недели штрајкуваат за платата по ефикасност
За да не се соочат со санкции, лекарите нека ги лекуваат пациентите. Со ваков апел денеска министерот за здравство Никола Тодоров им се обрати на лекарите, кои две недели штрајкуваат за платата по ефикасност. Ова следува по неговите сознанија дека по клиниките и болниците се случувало на болни со карциноми да им се одложуваат операции. Какви казни ќе следуваат за лекарите, Тодоров не откри, туку се повика на законот и ги потсети лекарите на Хипократовата заклетва. Им укажа и да не ги користат пациентите како инструмент на притисок за остварување политички, финансиски или друг интерес.
За Тодоров штрајкот на лекарите е политичка манипулација и со неа се прават обиди да се урнат реформите. Тој не отстапува од платата по успешност, „не од инает или од каприц“ туку зашто верува дека е добра реформа. За овој модел, Тодоров вели дека се зборуваше дека со него лекарите ќе земаат само 80 отсто плата. „По 5 месеци од платата по успешност, 80 отсто од платата зеле само 6 отсто од лекарите, и тоа лекари кои од политички мотиви или од каприц не внесуваат податоци. Секој месец се наградуваат 445 лекари и тој број расте. Ова е вистината за платата по успешност“, додаде Тодоров.
А клиничкиот синдикат за утре во 11.55 часот најави марш на белите мантили од хелодромот на клиники до Министерството за здравство.
Во меѓувреме Коалицијата на 17 здруженија на болни го повика Синдикатот и Министерството за здравство на дијалог и изнаоѓање вистинско решение за проблемот, кое ќе биде во интерес на пациентите.