ЛОКАЛИЗИРАН ПОЖАР ВО УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТ ВО НЕГОТИНО
Утринава во 08,20 часот во Територијалната противпожарна единица во Неготино е пријавен пожар во угостителски објект во центарот на градот кој се занимава со производство и продажба на скара.
Командирот на Територијалната противпожарна единица Неготино Иле Илиев информираше дека веднаш по пријавата, екипа од тројца пожарникари и едно пожарникарско возило само по 5 минути пристигнале на местото на настанот и пристапиле кон гаснење на пожарот кој е целосно локализиран за 15 минути. Илиев информираше дека причината за пожарот е запалувањето на скарата, најверојатно поради неисправен оџак, по што оганот се проширил низ целиот објект и еден дел од истиот е опожарен и причинета е мала материјална штета. Од ТППЕ Неготино апелираат до сите угостителите кои се занимаваат со производство и печење на скара да вршат редовно и навремено чистење на оџаците кои не ретко се запушуваат од маснотиите што на крај резултира со настанување на пожар. Командирот на неготинската противпожарна единица Илиев упатува апел и до сите земјоделци од општината кои периодов вршат резидба на лозовите и овошните насади да внимаваат каде и кога ги горат прачките кои остануваат по резидбата, бидејќи честопати несовесното палење предизвикува пожари. Тој апелира до лозарите кога ќе ги запалат да не заминуваат од местото бидејќи пламените јазици може да се прошират и во околината и би причиниле огромни штети.